Вести
СТАТИЧКИ ВЕЖБИ ЗА ИСТЕГНУВАЊЕ КАЈ ТЕНИСЕРИ  23-03-2020

 

СТАТИЧКИ ВЕЖБИ ЗА ИСТЕГНУВАЊЕ КАЈ ТЕНИСЕРИ
(фотографии 1 и 2 дел)

 

Секој тенисер од самиот почеток на  својата кариера ( почнуваќи од мини тенис школата па се до професионалните тенисери) секојдневно прави различни вежби кои му помагаат да ги зголеми спортските перформанси.

Една од најбитните рабити кои треба да ги знае секој кој се занимава со тенис е зошто ги прави тие вежби и како тие вежби ќе му помогнат да ја постигне крајната цел а тоа кај тенисерите секако е тенискиот перформанс односно резултатите кои ги постигнува тенисерот на натпреварите.

Тренингот кај тенисерите може да го поделоме на 4 дела :

·         Технички

·         Тактички

·         Физички

·         Ментален

Сите овие делови се меѓусебно поврзани и на сите треба да се обрне внимание во  тренажниот процес, секако временскиот период за секој дел е индивидуален односно на некој му треба повеќе работа на технички план а помалку на физички, на некој повеќе ментален а помалку технички и.т.н. Но битно е да запамтиме дека во професионалниот тенис  мора да ги имаме развиено  на врвно ниво сите делови затоа што доколку имаме дисбаланс секогаш тенисерот на некое ниво ќе се распаѓа како кула од карти и никогаш во целост нема да ги постигне своите потенцијали.

Во овој текст ќе пишувам за еден дел од вежбите за флексибилност, вежби за кои секој ден зборуваме дека треба да се прават, секој ден слушаме од самите тенисери дека им е многу досадно да ги прават и на секој турнир ги гледаме а потоа ги прераскажуваме примерите од врвните тенисери кои дисциплинирано одвојуваат голем дел од времето во изведување на овие за најголем дел од тенисерите досадни вежби.

Јас тука би додал дека дисциплината во правење на вежби кои се  досадни и тешки а докажано се корисно ја прави разликата помеѓу врвните и просечните тенисери а и помеѓу успешните и помалку успешните луѓе во која било професија.

 

Поради моменталната ситуација и големиот дел од времето коe го поминуваме дома сметам дека е вистински момент да ја развиеме или подобриме флексибилноста, а  вежбите со оглед на тоа што и онака дома нема што да се прави, ќе бидат помалку досадни а би рекол и интересни.

Пред да ги видите вежбите и започнете со вежбање прочитајте го краткото појаснување за флексибилноста како моторичка способност и зошто е таа битна во спортот.

 

ФЛЕКСИБИЛНОСТ

 

Флексибилноста е моторичка способност за постигнување на максимална амплитуда на движењата во поедини зглобови или систем на зглобови.

Таа е многу битен фактор за оптималната состојба на телото на секој човек како во секојдневниот живот така и во спортот.

Придобивките од флексибилноста во спортот се големи. Ке набројам дел од најзначајните придобики од добрата флексибилност кај тенисерите:

  • Флексибилноста е предуслов и почетна точка за развој на сите други моторички способности
  • Ни го олеснува постигнувањето на одредено ниво на мускулна релаксација
  • Има превентивно дејство и го смалува ризикот од повреди
  • Ни помага во правилното држење на телото
  • Го зголемува опсегот на тенисерот и покривањето на теренот
  • Влијае на целокупното здравје и благосостојба на целото тело и пред се на локомоторниот систем
  • Вежбите можат да се работат било кога
  • Се што ни треба е подлога и малку простор

Вежбите за флексибнилност можат да бидат статички и динамички. Динамичките вежби се користат како дел од загревањето пред тренинг а статичките се користат за опуштање на телото после тренинг.

Вежбите кои ви ги предлагам а можат да се користат како секојдневна рутина после тренинг или после работниот ден се статички вежби за истегнување.

Времето за задржување на секоја поза во максимална истегнатост е помеѓу 10 сек и 30 сек во зависност од нивото на спортистот и секоја вежба треба да се повтори 3 пати за да има оптимален резултат.

Подолу имате слики со 32 вежби за истегнување , пробајте да ги вклопите во вашата секојдневна рутина. Доколку правилно се изработат би требало да ви одземат 40мин.

Вежбајте и одржувајте го своето тело и здравјето во кондиција.

Очекувам ваш feedback на мојот  meil:  zdimanoski@gmail.com исто така може да ме контактирате за сите ваши прашања во врска со тенискиот тренинг на 075455190 ќе ми биде задоволство да ви помогнам во овој тежок период за сите нас да излеземе посилни и поспремни за новите предизвици кои не очекуваат на тениските терени.

Вежбајте и одржувајте го своето тело и здравјето во кондиција.

Подготвил

Проф.Мр. Златко Диманоски

СТАТИЧКИ ВЕЖБИ ЗА ИСТЕГНУВАЊЕ КАЈ ТЕНИСЕРИ
(фотографии 1 и 2 дел)


Назад
Спонзори
ITF
Tennis Europe
ATP
WTA
Davis Cup
FedCup