Историјат на Македонска Тениска Федерација

ИСТОРИЈАТ НА МАКЕДОНСКАТА ТЕНИСКА ФЕДЕРАЦИЈА

Почетоците на тенисот на територијата на Македонија се регистрирани некаде во 1920 година кога друштвото на пријатели на Франција, оформило секција, а претседател бил д-р Коста Чохаџиќ од Скопје. Сепак скапите реквизити и размислувањата во тој период не овозможиле таа активност да продолжи. Сепак идејата опстојувала и сè поголем број млади луѓе се активни во овој спорт, па во 1935 година е формиран и првиот клуб.

Вистинските тениски активности продолжуваат по Втората Светска војна и во 1950 година се одржува и првото републичко првенство. 1953 година – е годината кога е запишано дека е формиран тениски Сојуз на Македонија, а прв претседател бил Раде Гогов. Таа година се одиграни и неколку мечеви меѓу Македонија и Босна и Херцеговина, а следната година во Скопје се одржал и првиот меѓународен турнир на кој победи прославениот југословенски ас Хрватот Јосип Палада.

Активноста на тениските работници од Македонија беше препознаена и во рамки на Југославија, па во 1957 година во Скопје се одржал турнир на најдобрите четворица тенисери во Југославија. Паралелно со тие активности имало и активности за активирање на тенисот и во другите градови од Македонија, а по Скопје со својата активност бил Тетово.

За време на поранешна Југославија, Македонија била домаќин на многу меѓународни натпревари како: Галеа Куп, Кингс Куп, Дејвис Куп и повеќе турнири, а во периодот на 70-тите години од минатиот век и меѓународни турнири во поединечна конкуренција за мажи и за жени. Скопје бил домаќин на познати светски репрезентации како Франција, Велика Британија, Израел (Дејвис куп), …

Со осамостојувањето на Македонија, се формира комплетно независна Македонската тениска Асоцијација на 25 Февруари 1993 година.

На 6 Април 1994 година стануваме членка на Европската тениска Асоцијација, а на 17 Септември 1994 година и членка на Интернационалната тениска Федерација.

Од самото осамостојување Македонската тениска Федерација, за краток период успеа успешно да организира многу тениски професионални турнири, а секако прв репрезент е Македонија Опен (кој сега е од рангот на АТП Челинџер турнир), потоа машки и женски сателит турнири, кои во последните години се како ИТФ фјучрс турнири. За одбележување се и одличните организации на Дејвис куп мечевите низ годините каде Македонија во еден период беше вистински хит во ова натпреварување, како во последните години мечевите во Били Џин Кинг купот на кои нашите тенисерки имаа можност за настап на домашен терен.

Од голема важност за тенисот и напредокот се турнирите што се организирани за младите категории каде најдобрите македонски младинци и младинки имаат можност да одиграат мечеви со своите врсници од многу земји од светот.

70 години Тениска Федерација

© Тениска Федерација на Македонија - Сите права задржани