Младиот македонски тенисер Марко Алексовски вчера го заврши настапот на четвртиот турнир на кој настапуваше како дел од тимот на ITF-Tennis Europe кој е финансиран од Grand Slam Development Fund. Според постигнатите резултати Алексовски го оправда настапот во тимот и достојно ја репрезентираше Македонија како и македонскиот тенис. Тој изминативе четири недели беше дел од тимот и настапи на четири силни турнири за играчи до 14 години во организација Tennis Europe.
На четвртиот турнир вчера Алексовски го предаде четвртфиналето против Франциско Сардиња од Португалија во првиот сет при резултат 4:1 за противникот. Инаку македонскиот тенисер претходната недела го совлада португалскиот тенисер. До овој денешен меч Марко имаше континуитет од настапи секој ден и мечот беше предаден пред се да се превенира да не дојде до повреда поради болките во мускулите. Алексовски од почетокот на претходната недела едноставно немаше ден за одмор.
Во конкуренција на двојки Алексовски и Сардиња го загубија полуфиналето против тенисерите од Чешка Ондреј Кацин и Тобиас Запски со 2-0 во сетови (75 63), иако во првиот сет имаа предност од 5:3 во гемови.
Алексовски од крајот на месец јули имаше настапи на четири турнири во Германија (турнир суперкатегорија) играше во третото коло; следната недела на турнирот во Белгија беше полуфиналист; турнирот во Барселона го заврши како победник и последниот турнир во Аликенте го заврши како четвртфиналист (трите други турнири беа од категорија 1).
Во секој случај Марко Алексовски покажа настапи и ја оправда добиената доверба да биде дел од ITF-Tennis Europe кој е финансиран од Grand Slam Development Fund.
БРАВО МАРКО!