Во пресрет на утрешниот старт на мечевите од Третата Европска група од Дејвис купот што ќе се игра од вторник до сабота, беше одржан и состанок на капитените (селекторите) на шесте репрезентации кои се учеснички во Скопје. Состанокот го одржа Главниот судија на настанот Веселина Донева од Бугарија, а капитените ги добија потребните или за нив веќе познати информации.
По состанокот во кусите изјави сите потенцираа дека се подготвени за петдневна борба и дека се очекуваат неизвесни мечеви. Сите очекуваат нивните национални тимови да бидат во борба за првите три места, кои носат промоција во Втората Светска група. Како фаворити за пласман на првите три места најчесто тие ги рангираа Летонија, Македонија, Црна Гора и Молдавија, додека Малта и Ерменија ќе бидат селекции, кои може некому да му направат проблем.
Во првото коло се играат дуелите: Македонија – Малта (Централен терен); Летонија – Црна Гора (терен број 5) и Молдавија – Ерменија (терен број 8). Играчите кои ќе настапат треба да бидат пријавени на еден час пред почетокот на првиот меч, а промена во дублот е дозволена на 15 минути пред почетокот на тој меч.
Почетокот на сите мечеви е во 10:30 часот, а влезот е слободен.
ФОТО: Денис Дуковски