Пораз во три сета во финалето во Букурешт за Ѓорческа

September 14, 2025

Македонската тенисерка Лина Ѓорческа го загуби финалето на W 75 турнирот што се играше денеска во Букурешт, за награден фонд од 60.000 долари. Поуспешна од неа беше актуелната јуниорска шампионка на Ролан Гарос Лили Тагер од Австрија со 2-1 во сетови (64 36 64). Со овој пораз прекината е низата од девет победи на македонската тенисерка, а на последните 20 меча Ѓорческа има 17 победи. Финалниот меч траеше 2 часа и 35 минути.

Во првиот сет македонската тенисерка имаше предност од 2:0 и 3:2 во гемови, но во продолжението на сетот ривалката заигра подобро и сетот го заврши со 6:4 во гемови. Во вториот сет повторно идентична слика по 3:3 во гемови, но сега Ѓорческа имаше серија од три гема за да го добие сетот со 6:3 и да изедначи на 1-1. Во решавачкиот сет Лина поведе со 2:0 во гемови со што ја продолжи серијата од пет освоени гема. Но, завршницата на мечот и припадна на Тагер која по 4:4 во гемови ги освои последните два гема и го доби сетот.

Ова за Ѓорческа беше петто финале во 2025 година или вкупно 40.то во кариерата, а има две турнирски победи во 2025 и вкупно 15 во кариерата.

За пласманот во финалето на турнирот во Букурешт Лина Ѓорческа освои 49 поени и со 343 поени утре треба да се пробие на 207.то место на ВТА ранг-листата. Следната недела македонската тенисерка ќе настапи на турнир во Куршумлијска Бања.

© Тениска Федерација на Македонија - Сите права задржани