Светски женски тенис: Историјата на број 1 на WTA листата – од Еверт преку Навратилова, Граф, Селеш до Серена Вилијамс и Сабаленка

November 6, 2025

Во периодот на одржување на Финалниот турнир на WTA каде настапуваат осумте најдобри тенисерки на светот во Ријад се одбележуваат 50 години откако Женската тениска асоцијација WTA бележи компјутерскo рангирање на тенисерките. Почетокот бил од 3.ноември 1975 година и досега 29 тенисерки биле рангирани како број 1 на WTA ранг листата, а 16 од нив годината ја завршиле на првата позиција.

Прва дама која се најде како број 1 беше легендарната Крис Еверт. Таа и нејзината голема ривалка од тој период Мартина Навратилова вкупно девет пати се менуваа на позицијата број 1. Единствено Ивон Голонгонг и Трејси Остин ја прекинаа доминацијата на Еверт и Навратилова, која траеше до 1987 година.

На сцената потоа се појави најпрво Штефи Граф, а потоа и Моника Селеш. Нивното ривалство го надмина она од претходниот период кога доминираа Еверт и Навратилова. Колку двете тенисерки беа доминантни во својата ера покажува и фактот што единствено Аранча Санчез Викарио во период од речиси десет години само 12 недели беше број 1.

На крајот на 90-те години од минатиот век се појавуваат Мартина Хингис, Линдзи Девенпорт и Џенифер Капријати, но сега нивната доминација не беше така изразена како претходните години. На почетокот на овој век се појавуваат сестрите Вилијамс (Венус и Серена), заедно Ким Клајстерс, Џастин Анен, Амели Морезмо и Марија Шарапова. Тоа е периодот кога женскиот тенис има напредок, пред сè на пропаганден план. Женскиот тенис се повеќе излегува од сенката на машкиот, како и тоа дека тенисерките се повеќе се интересни за маркетинг агентите.

Во годините на доминација на Серена Вилијамс, нејзиниот континуитет го прекинуваа Јелена Јанковиќ и Ана Ивановиќ, како и Данира Сафина. Во следниот период по неколку недели за позицијата број 1 се изборија и Каролине Возниацки, Викторија Азаренка, Анжелик Кербер. Во последната деценија веќе немаше таква доминација па неколку тенисерки се менуваа на првата позиција, а како број 1 се запишаа: Каролина Плишкова, Гарбине Мугуруза, Симона Халеп, Наоми Осака, а исклучок беше Ешли Барти (со 121 недела на првото место). Последните две на листата од 29 тенисерки се: Ига Швјонтек и Арина Сабаленка (која е актуелна тенисерка број 1).

Инаку Барти беше тенисерката која беше број 1 во периодот на пауза поради коронавирусот кога статусот беше „замрзнат“.

Рекордерка со 377 недели на првата позиција е Штефи Граф, а тоа значи нешто повеќе од седум години најдобра светска тенисерка. Следуваат Мартина Навратилова со 332, Серена Вилијамс 319. Од актуелните тенисерки во ТОП 10 е Ига Швјонтек со 125 недели.

Најдолго на првата позиција во континуитет беа Штефи Граф и Серена Вилијамс со 186 недели.

Историјата на женскиот тенис памети дека неколку тенисерки прво стигнаа до број 1 во својата кариера, а дури потоа освоија Грен слем титула. Во оваа група се: Ким Клајстерс, Амели Морезмо, Каролине Возниацки, Симона Халеп, додека Јелена Јанковиќ и Данира Сафина кариерата ја завршија без Грен слем пехар, а на таа листа е сè уште активната Каролина Плишкова.

На оваа листа ги нема имињата на Габриела Сабатини и Ана Курникова, тенисерки кои со својата игра, привлечност и убавина се вбројуваат меѓу најдобрите, но во периодот кога играат некои други девојки беа за нијанса поуспешни.

*** Статијата е дел од проектот „АС за еднаквост“, во соработка со Македонскиот олимписки комитет и со финансиска поддршка од Европската унија за промоција на родовата еднаквост во спортот

© Тениска Федерација на Македонија - Сите права задржани