Стартна победа на Ивановски во квалификациите на Челинџерот во Сан Марино

July 13, 2025

Македонскиот тенисер Калин Ивановски со победа во првото квалификациско коло го стартуваше Челинџер 125 турнирот во Сан Марино. Тој на стартот оствари победа над Јозеф Ковалик од Словачка со 2-0 во сетови (76(5) 76(4)). Утре за пласман на главниот турнир Ивановски ќе игра против домашниот тенисер Франческо Форти.

Во мечот против Ковалик македонските тенисер во првиот сет имаше постојано предност, а во осмиот гем направи брејк за водство од 5:3 во гемови. Сепак не успеа да ја материјализира предноста и противникот во следниот гем го врати загубениот гем на сервис на Ивановски и намали на 5:4 и сетот беше решен во „13-тиот гем“. Ивановски поведе со 5:1, но му дозволи на Ковалик да намали на 5:4 на поени, за сепак да го добие тај брејкот со 7:5 и да поведе со 1-0 во сетови. Во вториот сет немаше ниту еден брејк, па повторно се решаваше во „13-тиот гем“. Со мини брејк Ивановски поведе со 1:0, но Ковалик дојде до предност од 4:2 за промена на страните. Очигледно промената беше доббредојдена за македонскиот тенисер, кој освои пет поени во низа и го доби гемот со 7:4 на поени што значеше 2-0 во сетови и пласман во финалето од квалификациите.

Челинџер турнирот во Сан Марино се игра за награден фонд од 181.250 евра.

© Тениска Федерација на Македонија - Сите права задржани