Македонската тенисерка Лина Ѓорческа ќе игра на уште едно финале. Таа со денешната победа над Деспина Папамихаил од Грција со 2-0 во сетови (62 62) се избори за нов финален меч или четврти на последните четири турнири. Ѓорческа е во серија од девет победи во низа или на последните 19 меча има 17 победи. Во денешното полуфинале на W 75 турнирот во Букурешт што се игра за награден фонд од 60.000 долари македонската тенисерка без проблеми ја елиминираше Папамихаил што беше втора победа во еден месец против тенисерката од Грција.
Во првиот сет по 2:2 во гемови Лина направи серија од четири гема и го доби сетот со 6:2 во гемови, додека и во вториот сет имаше иста серија од четири гема и поведе со 4:1, за сетот да го заврши со 6:2 во гемови. Ова за македонската тенсиерка беше четврта победа во петтиот меч против тенисерката од Грција.
Утре во финалето Ѓорческа ќе игра против Лили Тагер од Австрија, која во денешното полуфинале ја совлада Сада Нахимана од Бурунди со 2-1 во сетови. Тагер е 17-годишна тенисерка која оваа година го освои јуниорскиот Ролан Гарос.
За Ѓорческа утрешното финале ќе биде вкупно 40.то во кариерата, а има освоено 15 титули.