Вкупно шест репрезентации ќе играат во Скопје, а системот е таков што играат секој против секого. Се играат два сингл меча, па потоа и мечот во двојки. Тоа значи дека ќе се играат пет кола по три меча или вкупно 15 дуели. Во сингл мечевите играат прво второрангираните тенисери, потоа прворангираните во репрезентациите. Конечната листа на играчи ќе биде позната понеделник ден пред почетокот на мечевите.
Македонија низ историјата има одиграно мечеви против сите репрезентации кои се во Скопје. Најмногу мечеви имаме одиграно против Молдавија седум, против Црна Гора и Летонија по пет меча, со Ерменија имаме четири дуели, а со Малта три.
ЛЕТОНИЈА (ЛАТВИЈА 67.место според ранг листа на Дејвис куп): скор во меѓусебни дуели 4-1 за Летонија (Латвија), последен меч пораз 0:3. Против оваа репрезентација имаме одиграно и три меча во рамки на Втората Евроафриканска група. Првиот дуел одигран 1996 година во Скопје пораз 2:3.
МАКЕДОНИЈА (81.место според ранг листа на Дејвис куп).
МОЛДАВИЈА (82.место според ранг листа на Дејвис куп): скор во меѓусебни дуели 4:3 за Македонија, последен меч пораз 3:0 во 2023 година на Кипар, а првиот меч победа на Македонија 2:1 во 1998 година во Скопје.
МАЛТА (87.место според ранг листа на Дејвис куп): скор во меѓусебни мечеви 3:0 за Македонија, последен меч 2:1 за Македонија на Кипар 2023 година, а првиот меч одигран 2014 година 3:0 за Македонија.
ЦРНА ГОРА (92.место според ранг листа на Дејвис куп): скор меѓусебни дуели 3:2 за Македонија, последен меч пораз 3:0 лани во Црна Гора, а првиот меч одигран 2012 година победа од 2:0 за Македонија.
ЕРМЕНИЈА (95.место според ранг листа на Дејвис куп): скор во меѓусебни дуели 3-1 за Македонија, првиот меч одигран во 2000 година пораз од 1:2, а последниот меч одигран 2016 година 3:0 за Македонија.
За Македонија ќе настапат Калин Ивановски, Берк Бугариќ, Амар Хусеиновиќ и Кристијан Јанев со тоа што листата може да се надополни во текот на утрешниот ден.
Македонија е по четврти пат домаќин – организатор на мечеви од Дејвис купот: 1998 година, 2011 година и 2021 година.
Мечевите ќе се играат од вторник до сабота, а трите првопласирани ќе се пласираат во Втората Светска група за 2026 година, додека двете последнопласирани ќе испаднат во Четвртата Европска група.
Почетокот на мечевите секој ден е во 10:30 часот и ќе се играат на три терени.
фото: Игор Паневски