Дејвис куп: Македонија со победа во дубл до триумф против Молдавија

June 12, 2025

Македонската комбинација Калин Ивановски и Стефан Мицов оствари голема победа во дубл мечот против Молдавија и со тоа изборија триумф од 2-1 против денешниот ривал и ја доближува на чекор од пласман во Втората Светска група од Дејвис купот тениската репрезентација на Македонија. Првиот поен во сингл мечот го донесе Стефан Мицов, потоа Молдавија изедначи, а вистинска драма на Централниот терен на ТК Југ беше во мечот во конкуренција на двојки.

Во првиот сет до 3:3 во гемови немаше брејк, а потоа Ивановски и Мицов успеаја да одземат сервис на противникот (Андреј Цумак) и Македонија поведе со 4:3, а потоа и со 5:3. Молдавскиот пар намали на 5:4, но потоа следуваше реализација на брејкот и освојување на шестиот гем за 6:4 и водство на Македонија од 1-0.

Добрата игра продолжи и Македонија поведе со 2:0 во гемови во вториот сет. Но, по 3:1 противниците направија брејк и потоа дојдоа до водство од 4:3. До крајот на сетот немаше брејкови, па се играше „13.тиот гем“. По 2:0 на поени за Молдавија, Калин и Стефан направија серија од пет поени за водство од 5:2. Нашите тенисери не искористија две меч топки, а при сет топка за Молдавија при еден поен двајцата тенисери играа на топчето но судијата на стол не го забележа тоа и сетот го освои Молдавија. Тај брејкот заврши со 9-7 на поени за Молдавија. Залудни беа протестите пред се на Ивановски.

Во решавачкиот сет македонските тенисери направија брејк во четвртиот гем за водство од 3:1 и предноста ја сочуваат до крајот на сетот кој го добија со 6:3. Мечот траеше 2 часа и 17 минути.

Во другите два дуела одиграни денеска: Црна Гора – Ерменија 3:0 и Летонија – Малта 3:0.

ТАБЕЛА: ЛЕТОНИЈА 3-0 (победи-порази), ЦРНА ГОРА (2-1), МОЛДАВИЈА (2-1), МАКЕДОНИЈА (2-1), МАЛТА (0-3), ЕРМЕНИЈА (0-3).

Утре во мечот од четвртото коло Македонија игра против аутсајдерот Ерменија.

Фото: Игор Паневски

 

 

 

© Тениска Федерација на Македонија - Сите права задржани