Марковски поразен во три сета по три часа игра

July 2, 2025

Македонскиот тенисер Обрад Марковски по трите победи во квалификациите на ИТФ турнирот во Куршумлијска Бања доживеа пораз во првото коло од главниот турнир. Поуспешен од него беше Георги Георгиев од Бугарија кој со 2-1 во сетови (63 36 63) по три часа игра го совлада Марковски.

Во првиот сет единствениот брејк Георгиев го направи во шестиот гем за водство од 4:2 во гемови. Во вториот сет Марковски имаше предност од 3:0 откако направи брејк во вториот гем, а потоа по загубениот гем на сервис веднаш направи ри-брејк и успеа да изедначи на 1-1 во сетови. Решавачкиот сет почна со два брејка по еден за секој тенисер, а клучниот за освојување на сетот го направи Георгиев во осмиот гем за водство од 5:3 во гемови.

Марковски денеска го очекува уште еден меч на турнирот во конкуренција на двојки заедно со Никола Јовиќ од Србија ќе играат против четвртите носители Алехандро Банкалари и Николас Виљалон Валдес од Чиле.

© Тениска Федерација на Македонија - Сите права задржани