Македонско-српската комбинација Обрад Марковски и Никола Јовиќ со неверојатен пресврт во решавачкиот сет стигнаа до победа и пласман во четвртфиналето во игра на двојки на ИТФ турнирот во Куршумлијска Бања. Тие успеаја да ги елиминираат четвртите носители Алехандро Банкалари и Николас Виљалон Валдес од Чиле.
Во решавачкиот сет што се игра на поени (по 1-1 во сетови) Марковски и Јовиќ беа во негатива на почетокот со 4:0, но потоа направија серија од 10:0 и сетот го завршија со 10:4 на поени.
Претходно во првиот сет тенисерите од Чиле направија брејк во шестиот гем и сетот го добија со 6:3 во гемови, а Марковски Јовиќ изедначија откако на крајот на вториот сет направија брејк за 7:5 во гемвои во вториот сет.
Утре во четвртфиналето Марковски и Јовиќ ќе играат против тенисерите од Аргентина Лоренцо Гиљермо и Шин Хес. Пред две недели македонско-српската комбинација стигнаа до финалето на ИТФ турнир во Куршумлијска Бања.