Со две победи во квалификациите македонскиот тенисер Калин Ивановски успеа да се пласира на „главниот турнир“ на Челинџерот 125 во Сан Марино. Тој денеска во финалето од квалификациите го победи домашниот тенисер Франциско Форти со 2-1 во сетови (67(4) 64 64) за 2 часа и 50 минути игра.
Во првиот сет немаше ниту еден брејк, па за водство од 1-0 во сетови решаваше тај брејкот. Форти поведе со 6:1 на поени. Ивановски спаси три сет топки, но противникот го доби тај брејкот со 7:4 и поведе со 1-0. На стартот од вториот сет македонскиот тенисер направи брејк за 1:0, но Форти веднаш врати со ри-брејк за 1:1 во гемови. Сепак подобрата игра на Ивановски во сетот му донесе уште еден брејк за 5:4, а потоа и 6:4 во гемови и 1-1 во сетови.
Во решавачкиот сет Ивановски направи брејк во седмиот гем за водство од 4:3 и во десеттиот гем македонскиот тенсиер успеа да го добие гемот за 6:4 и 2-1 во сетови.
На „главниот турнир“ Ивановски ќе има исклучително тежок ривал третиот носител Матео Гиганте од Италија – 137.место на АТП листата. Наградниот фонд на турнирот кој е од рангот Челинџер 125 изнесува 181.250 евра.