Лина Ѓорческа како трета носителка успеа да се пласира во полуфиналето на ИТФ турнирот во Слобозија, Романија што се игра за награден фонд од 40.000 долари. Таа денеска во четвртфиналниот дуел ја совлада Луција Ќириќ – Багариќ од Хрватска со 2-1 во сетови за 100 минути игра, иако ривалката го доби првиот сет со 6:1 во гемови. Сепак Ѓорческа одигра одлично во следните два сета и на противничката и препушти само еден гем.
Ѓорческа не го почна мечот како што посакуваше и Ќириќ – Багариќ поведе со 4:0 во првиот сет, а потоа македонската тенисерка го освои единствениот гем во првиот сет. Но, во следните два сета комплетна доминација на Лина и речиси на идентичен начин како вчера стигна до победата. Во вториот сет по 2:0 за Ѓорческа ривалката освои еден гем, на што следуваше серија од четири гема за Лина и 1-1 во сетови по 6:1 во гемови. Македонската тенисерка ја продолжи серијата и без загубен гем го доби решавачкиот сет за 2-1 во сетови.
Со оваа победа Лина и се реваншираше на денешната противничка за поразот во ланското финале во Ларнака.
Утре во полуфиналето Ѓорческа ќе игра против домашната тенисерка Марија Попа, која исто со пресврт успеа да ја совлада Дарија Лодикова со 2-1 во сетови (16 75 62).