Тања Стојановска се здоби со тренерска лиценца за ИТФ ниво 3

October 16, 2025

Тања Стојановска успешно го заврши курсот и се здоби со тренерска лиценца ИТФ ниво 3, кое е највисокото тренерско ниво во тенисот кое го издава Светската тениска федерација. Стојановска изминатиот период активно работеше особено што курсот имаше два дела теоретски (се следеше on-line) и практично со тренинзи, а овој дел се одржуваше и во Валенсија.

Курсот подразбира во првиот дел планирање, био-механика, тактика, физички и психолошки тренинг, додека во Валенсија имаше работа со играчи од највисок ранг.

Полагањето на теоретскиот дел беше (on line), а потоа во Валенсија имаше и парктичен дел. Воедно Стојановска е петти тренер од Македонија со највисоко тренерско ниво кое го има ИТФ. Пред неа оваа лиценца ја имаат: Чедомир Јовановски, Предраг Русевски, Димитар Лабудовиќ, Горан Шевченко. Воедно таа е првата жена тренер во Македонија со оваа лиценца.

 –  Најпрво би сакала искрено да им се заблагодарам на сите кои беа дел од реализацијата на овој курс. Поддршката, насоките и охрабрувањето од менторите, организаторите и останатите учесници одиграа клучна улога во тоа ова искуство да биде значајно и успешно за мене. Беше навистина уникатно да се биде дел од средина за учење каде што можев отворено да ја споделам и дискутирам мојата приказна како тениски тренер. Размената на идеи и искуства со луѓе кои се исто толку посветени на спортот ми помогна да стекнам нови сознанија и да го проширам моето разбирање за тоа како учиме, подучуваме и напредуваме во тенисот. Овој курс имаше длабоко влијание врз мене, и професионално и лично. Ми го продлабочи разбирањето за начинот на тренирање тенис, не само во однос на одделните аспекти од играта, туку и во тоа како подобро да ги поддржам и насочам играчите. Се чувствувам како поефективен тренер, со нови цели. Искуството ми отвори нови можности за развој и учење. Навистина сум благодарна за оваа шанса и за позитивното влијание што го имаше врз мојот раст како тренер и како личност, изјави Стојановска.

Проектот е поддржан од Интернационалната олимписка солидарност, преку Македонскиот Олимписки Комитет и преку ИТФ Светска федерација во координација со Тениската Федерација на Македонија.

© Тениска Федерација на Македонија - Сите права задржани