Репрезентацијата на Молдавија го изедначи резултатот на 1-1 и мечот во двојки ќе го одлучи победникот во првото коло од Третата Европска група на Дејвис купот. Во вториот меч Олег Приходко, мораше поради грчеви да го предаде мечот против Раду Албот во третиот сет при резултат 1:1 во сетови и 2:0 за Албот во третиот сет.
Првиот сет му припадна на македонскиот тенисер Приходко, кој водеше со 4:1 и 5:2 во гемови, но Албот (поранешен играч од ТОП 50 во светот) успеа да дојде до тај брејк и притоа не искористи три сет топки. Приходко ја искористи втората сет топка и го доби тај брејкот со 10:8 на поени. Добрата игра продолжи за Приходко и на стартот од вториот сет кога направи брејк и поведе со 3:1 во гемови. Но, тука почнаа проблемите за македонскиот тенисер, кој паузата по петтиот гем (3:2 водство за Приходко) ја искористи за медицински тајм аут. Тенисерот на Молдавија изедначи на 5:5 во гемови, но проблемот со грчевите кај Приходко продолжија и следните четири гема му припаднаа на Молдавецот.
Во мечот во двојки за македонскиот тим се појавија Калин Ивановски и Приходко, а за Молдавија Албот и Иља Снитари. Мечот е во тек.
Во првиот меч Ивановски го совлада Снитари со 2-1 во сетови (46 63 61).