Со големо враќање и две спасени меч топки во последниот сет од полуфиналето против Јанаки Милев од Бугарија, македонскиот тенисер Калин Ивановски успеа да се пласира во финалето на Macedonian Open кое се игра утре. Ивановски го совлада Милев со 2-1 во сетови (64 26 75) за 2 часа и 42 минути игра. На задоволство на присутната публика.
Во последниот сет Милев во десеттиот гем на сервис на Ивановски имаше две меч топки, но тогаш македонскиот тенисер успеа да направи „кам-бек“ и до крајот на мечот од 14 поени освои 12 и на тој начин избори финале.
Во првиот сет Ивановски во седмиот гем направи брејк и поведе со 4:3, а потоа сетот го заврши со 6:4. Во следниот сет во првите три гема се водеше голема борба за секој поен, а двајцата тенисери во тир гемови имаа по три брејк топки, но немаше брејк. Во следниот гем Ивановски изедначи откако гемот го доби без загубен поен, но по 2:2 во гемови Милев направи серија од четири гема и го доби сетот со 6:2.
Во решавачкиот сет првата брејк топка ја имаше Милев во шестиот гем, но Ивановски изедначи на 3:3, а потоа успеа да спаси две меч топки и да стигне до второто финале во две недели или вкупно 11.то во кариерата.
Противник ќе му биде победникот во второто полуфинале кое е во тек меѓу Владислав Орлов од Украина и Стефан Поповиќ од Србија.
