VIP Професионален тенис Вести

Ивановски против Милев за старт на саботната програма на Macedonian Open 2026

03.07.2026

Завршниот викенд е пред нас на турнирот М25 Скопје Macedonian Open 2026. Остануваат да се играат уште пет меча, што значи дека организаторите ги надминаа проблемите со дождот, кој неколку дена направи сериозни проблеми со саатницата, но и со терените.

Македонскиот тенисер Калин Ивановски, кој избори пласман во полуфиналето на Централниот терен ќе игра во првиот меч (прво полуфинале), а противник ќе му биде седмиот носител Јанаки Милев од Бугарија. Почетокот на мечот е во 11:30 часот.

Во второто полуфинале ќе играат Владислав Орлов (Украина, 4) и Стефан Поповиќ (Србија,5). Двајцата на турнирот настапуваат како носители, а нивниот меч ќе стартува по првото полуфинале на меѓу Ивановски и Милев.

На Централниот терен по завршувањето на полуфиналните мечеви е финалето во конкуренција на двојки каде ќе настапат Никола Керемедчиев и Давид Симеонов од Бугарија, а нивните ривали ќе бидат познати по одигрувањето на второто полуфинале.

Ова полуфинале ќе се игра на теренот број 5 од 11:30 часот, а ќе играат македонските тенисери Обрад Марковски и Горазд Србљак против Николас Бруна и Франциско Томас Гешвинд (Чиле/Аргентина).

Влезот на терените на ТК Југ е слободен.