Македонскиот тенисер Обрад Марковски успеа да се пласира во второто коло на MACEDONIAN OPEN 2026 откако во продолжението на мечот денеска го совлада Максимилиан Борисов од Бугарија со 2-1 во сетови (76(2), 06 и 63). Мечот беше прекинат вчера поради дождот при водство на македонскиот тенисер од 1-0 во сетови.
Во денешното продолжение Борисов изедначи на 1-1 добивајќи го вториот сет без загубен гем, а во третиот сет Марковски се врати во игра и резултатски успеа да го освои сетот и со тоа да избори пласман во второто коло. Во следната рунда негов ривал ќе биде победникот од мечот меѓу Владислав Орлов (Украина) и Никола Колјачев (Бугарија).
Нашиот млад тенисер Амар Хусеиновиќ не успеа откако во продолжението на мечот загуби од шестиот носител Александер Вајс од Италија со 2-0 во сетови (62 60).
Мечо со пресврти играше и Горазд Србљак, кој од квалификациите стигна на главниот турнир. Тој го доби првиот сет против петтиот носител Стефан Поповиќ од Србија со 6:2 во гемови, но неговиот ривал беше поуспешен во следниот сет со 6:1 и изедначи на 1-1. Во решавачкиот сет Србљак поведе со 2:0 во гемови, но Поповиќ изедначи на 3:3, а до 12.гем немаше брејк и потоа на сервис на Србљак противникот успеа да направи брејк за 7:5 во гемови во решавачкиот сет.
Од македонските тенисери попладнево настап треба да има и Калин Ивановски, кој вчера го елиминираше првиот носител Андреј Чепелев, а ќе игра против Лиан Деликата од Малта, кој со 2-1 во сетови го победи Стефан Марковиќ од Србија по 3 часа и 50 минути игра.
Мечевите на Ивановски и на Марковски од второто коло се предвидени да се играат во попладневните часови.