VIP Професионален тенис

Најголемиот удар на женскиот тениски свет - 30.04.1993, нападот во Хамбург

30.04.2026

Се сеќаваме на најголемиот удар на женскиот тениски свет - Нападот во Хамбург на 30. април 1993 година 

Женскиот светски тенис кон крајот на минатиот век остана забележан со ривалството на Моника Селеш и Штефи Граф. Ривалство какво што можеби повеќе нема да има во женскиот тенис. Двете тенисерки имаа свои посебни моменти на доминација.

Двете ги поврзува тоа што првата Гренд слем титула ја освоија во своето прво Гренд слем финале и тоа на терените на Ролан Гарос. Нешто повозрасната Граф (родена 1969 година) славеше над веќе искусната Мартина Навратилова и на тој начин покажа дека доаѓа нова сила во женскиот тенис. Граф триумфираше во 1987 година, додека три години подоцна „чудото од дете од Нови Сад“ Моника Селеш ја совлада Граф за прва Гренд слем титула во 1990 година. За разлика од Граф, Селеш победи во своите шест први Гренд слем финалиња и најави бројни доминација во женскиот тенис .

Но, така беше сè до 30. април 1993 година – и нападот во Хамбург за време на четвртфиналето против Магдалена Малеева. Таа водеше со 6:4 и 4:3 во вториот сет и седна на столчето за време на паузата кога Гинтер Пархе (Германец 38 години) ја прободе со нож во грбот, а должината на сечилото беше 23 сантиметри. 

Публиката во шок, обезбедувањето доби жестоки критики – подоцна беше утврден дека Пархе бил ментално нестабилен човек, опседнат со Штефи Граф и на тој начин сакал да и помогне на германската тенисерка, откако сметал дека Селеш е пречката Граф повторно да биде најдобра на светот.

Разбирливо беше дека Селеш страдаше на психолошки план, а тоа го пренесе и во својата автобиографија.

„Малата Мо“ како што ја викаа се врати на теренот по две годишна пауза, но не беше веќе истата. Освои уште една Гренд слем титула, во 1996 година на Австралија опен воедно тоа беше нејзина последна – деветта.

Нападот во Хамбург неповратно го промени текот на женскиот тенис.

Една од тениските легенди Крис Еверт во 2016 година изјави, дека да не се случеше тоа во Хамбург, Селеш најверојатно ќе ги надминеше рекордите на Граф.

Моника доби американско државјанство во 1994 година, а се повлече од тенисот во 2003 година. Таа во 2014 година се сврши со милијардерот Том Голисан. За разлика од неа кариерата на Граф траеше до 1999 година, а таа ја заврши со 22 Гренд слем титули. Во 1999 година во Париз на Ролан Гарос започна да се забавува со Андре Агаси, а во брак стапија во октомври 2001 година.

Во периодот на големото ривалство двете тенисерки од 1989 до 1999 година одиграа 15 мечеви со скор од 10-5 за Граф, а тие десет беа финални каде скорот е 6-4 за Граф.

Ривалството меѓу Моника Селеш и Штефи Граф претставува едно од најинтензивните и најзначајните во историјата на женскиот тенис. Во раните 1990-ти, Селеш донесе нова динамика со својата агресивна игра од двете страни и доминираше на турнирите, прекинувајќи ја дотогашната доминација на Граф. Нивните меѓусебни дуели не беа само борба за трофеи, туку судир на стилови, генерации и психолошка издржливост, што го направи тенисот поатрактивен и глобално популарен.

Инцидентот кој го шокираше целиот спортски свет, ја отвори темата за безбедноста во тенисот и покажа дека дури и индивидуален спорт како тенисот не е имун на сериозни ризици од надворешни фактори.

Како последица, тениските организации како WTA и ITF воведоа значително построги безбедносни протоколи: зголемено присуство на обезбедување, контроли на публика, физичка дистанца помеѓу играчите и гледачите, како и подобра организација на пристапот до терените. Овие мерки имаа за цел да создадат сигурна средина во која играчите можат да се фокусираат на својата игра без страв.

Иако нивното ривалство никогаш не го достигна својот целосен потенцијал по тој настан, наследството што го оставија е огромно. Селеш и Граф не само што ја обликуваа една ера, туку и придонесоа за развој на тенисот како побезбеден и попрофесионален спорт.

 

Оваа статија е дел од Проектот „АС за еднаквост“ -Проект во соработка со МОК и Проектот Фер игра, финансиски поддржан од Европската Комисија

#асзаеднаквост #женавоспорт