Во италијанскиот град Парма традиционално се одржува Европскиот шампионат за тенисери и тенисерки до 16 години. Македонските претставници имаа забележителен настап, особено се издвои Сара Митевска, која беше и на чекор до самата завршница. Но, повредата по падот за време на четвртфиналниот меч беше причина таа да го предаде мечот. Нејзината ривалка од четвртфиналето Милена Стеинкамп стана европска шампионка. Во осминафиналето Митевска ја убедливо ја победи Романката Поп, која се наоѓа во врвот и во конкуренција за тенисерки до 18 години и беше прва носителка.
- Европското првенство е секогаш настан со високо ниво и добар „репер“ за тоа во која насока треба да се движат нашите репрезентативци со нивниот развој. Тие одиграа коректно и борбено, излегоа мотивирани за работа и враќање на такви настани од повисоко ниво со повисоки цели што е еден позитивен момент во нивниот играчки развој. Забележителен резултат постигна Сара, која играше на високо ниво целиот турнир и стигна до четвртфиналето, каде имаше шанси за победа, кои не ги искористи. Но, спортот не учи и низ такви лекции да градиме посилен карактер и да се вратиме посилни и поподготвени на теренот, изјави капитенот Тања Стојановска.
Во составот на македонскиот тим покрај Сара Митевска, беа уште Лина Николовска кај девојките и Марко Алексовски и Алексеј Стојановски кај момчињата. Ова беше 50.то издание на Европскиот шампионат и настапија 157 тенисери и тенисерки од 45 членки на Tennis Europe.