Професионален тенис Вести VIP Main

Триумф на Ѓорческа во првото квалификациско коло на Вимблдон

23.06.2026

Најдобрата македонска тенисерка Лина Ѓорческа ја мина првата пречка во квалификациите на Вимблдон откако ја совлада Анхела Фита Болуда од Шпанија со 2-0 во сетови (62 и 64) за 79 минути игра. Ѓорческа имаше пет брејка во мечот од осум прилики, а противничката 2/3. Во вкупниот број поени македонската тенисерка беше поуспешна 63:51, а на мрежа Лина имаше извонреден ефект 11/13, а Болуда 7/21.

Во првиот сет Лина Ѓорческа имаше комплетна доминација и сетот го доби со 6:2 во гемови искористувајќи ја третата сет топка, а брејкови направи во четвртиот гем за 3:1 и во осмиот гем за 6:2.

Во вториот сет Болуда направи брејк и поведе со1:0, но веднаш следеше ри-брејк на македонската тенисерка за 1:1. Во петтиот гем повторно Шпанката имаше брејк за водство од 3:2, но веднаш Ѓорческа изедначи со нов брејк за 3:3. Во десеттиот гем Ѓорческа ја реализираше првата меч топка и сетот го заврши со 6:4 во гемови.

Ова беше прва победа за Ѓорческа во меѓусебните дуели откако Шпанката имаше триумф во Коксијде на фјучрс турнир во 2021 година.

Противничка на Ѓорческа во второто коло од квалификациите ќе и Франциска Жорге од Португалија (226.место ВТА ранг) која со 2-0 во сетови (76(5) и 63), ја совлада 10.та носителка во квалификациите Далма Галфи од Унгарија. Во единствениот меѓусебен меч досега меѓу Ѓорческа и Ф.Жорге, македонската тенисерка има победа во Скопје 2022 година во рамки на меч од Били Џин Кинг купот.