Инспирација бр.1 ЛИНА ЃОРЧЕСКА Прва дама на македонскиот женски тенис

November 13, 2025

ЛИНА ЃОРЧЕСКА – ПРВА ДАМА НА МАКЕДОНСКИОТ ЖЕНСКИ ТЕНИС

Лидер….. Инспирација…… Незапирлива….. Амбасадор на Македонија!!!

Најуспешна македонска тенисерка на сите времиња,  Лина има одиграно повеќе од 100 финални мечеви во сингл и во дубл, а има повеќе од 50 победнички пехари од турнирите. Бројки што зборуваат многу за девојката, која и покрај сите предизвици со кои се соочува успешно се натпреварува во светскиот тенис.

ПОЧЕТОЦИТЕ ВО ТЕТОВО, А СО ТЕНИС СЕ „ЗАРАЗИ“ ПОРАДИ БРАТ И

За своите тениски почетоци Лина зборува:

  • Со тенис почнав на 6-6,5 години во Тетово. Прво почна тенис да тренира брат ми (постар), па како „оди“ тоа што тој прави – го правев и јас.

Најдобрата македонска тенисерка за тениски идол знае да каже:

  • Немам тениски идол, но некако Серена Вилијамс ми беше омилена тенисерка, имаше доминација секогаш кога беше на терен. Од машкиот тенис тоа беше Надал, затоа што секогаш зрачеше борбеност, едноставно „гинеше на терен“.

Лина има освоено 15 сингл титули на ИТФ турнири (октомври 2025), на 40 финални мечеви. Во конкуренција на двојки има 73 финалиња и 47 титули. За своите почетоци и момент што ќе го памети од турнирите.

  • Омилен турнир– првиот на кој победив. Секако ја паметам првата освоена титула во 2012 година. Турнирот беше со награден фонд 10.000 долари, прв професионален турнир. Бев прва во квалификациите, но се откажа една тенисерка и така „влегов“ на главниот турнир и го освоив турнирот. Се играше во Арад, Романија, имав 17 години. Важен турнир ми беше и тој што го освоив во Куршумлијска Бања (септември 2023) од рангот W40. Триумфот на тој турнир ми овозможи да бидам дел од Австралија Опен во 2024 година.

Тенисерките за време на турнирите, паузата меѓу мечевите знаат да ја искористат и за разговор, другарување, размена на искуства. Но, на некој начин така доаѓа и до формирање на дубл, ако е во план настап и во конкуренција на дубл.

  • Имам одлична соработка со речиси сите тенисерки со кои сум играла двојки. Знаете нема тенисерка со која редовно настапувам во двојки, едноставно кога ќе се пријавам за турнирот и тогаш таму решавам со кога настапувам во конкуренција на двојки. Инаку, половина од другарките ми се тенисерки што е и разбирливо. Во последно време сум се повеќе сум во контакт со Кристина Младеновиќ.

 

Македонската тенисерка е единствената која има настап на сите четири Грен слем турнири во сингл (квалификации).

  • Грен слем турнири. Тоа e нешто поразлично од се. Голем клуб, многу терени, се е некако големо и се функционира совршено, а има изобилство од натпреварувачи, тренери, организатори, публика, но се е одлично. Некако на Австралија опен се е одлично, а публиката е посебна и пред сè навивањето и поддршката што ја добиваме на терен. И секако кога и да можам во иднина секогаш би ги посетила сите четири турнири. Тука беше и незаборавниот момент во кариерата. Во Мелбурн на Австралија опен во 2017 година. Се навиваше, беше извонредно, а притоа за време на меч заработив и сериозна повреда (скршеница) на рака. Но, тоа ќе се памети и по добро и по лошо.

НАСТАПОТ ЗА МАКЕДОНИЈА Е НЕШТО ШТО СЕ ПАМЕТИ

За женската репрезентација на Македонија, Ѓорческа настапува од 2015 година. Таа е вистински лидер на тимот, рекордер по бројот на настапи има одиграно 128 мечеви (104 победи вкупно – 88 сингл и 16 двојки). Таа е вистински лидер на тимот претходно во Фед Купот, а сега во Били Џин Кинг купот. Македонија две години е дел од Втората Евро-африканска зона, а таму ќе настапуваат нашите двојки и во 2026 година.

  • За Били Џин Кинг купот – што да кажам последните две години многу малку ни фалеше за подобар резултат, оваа година со Норвешка игравме „супер тајбрејк“. Лани против Хрватска, Меги (Стоилковска) загуби во првиот меч, јас поведов во синглот со 1-0 во сетови и 3:1 во вториот сет и се појави проблем со ложата. Имав болки не можев добро сервирам. Да можев нормално да играм и дублот ќе го добиевме, а после ќе беше полесно. Како и да е, се наоѓаме таму и каде што навистина треба да сме, ниту погоре, ниту подолу.

ВО МАКЕДОНИЈА НАЈЧЕСТО ТРЕНИРА СО МАЖИ

Еден од основните проблеми за Ѓорческа е тренажниот процес, поради немањето тенисерки со кои во може да тренира и да се подготвува, а за тоа како се снаоѓа најдобрата македонска тенисерка во овој „машки“ спорт во Македонија вели:

  • Во Македонија најчесто тренирам со машки, единствено со Меги, ако двете сме во Скопје можеме заедно да тренираме. Но, различно е … тренинг со тенисер и со тенисерка. Топчето различно отскокнува, машките имаат посилен удар, има разлика и кога топчето има движење повисоко и пониско. Кога сум на турнири најчесто тренирам со некоја тенисерка, но речиси цела кариера сум сама на турнирите, вели Лина.

За предрасудите и нееднаквоста на жената во спортот една од нашите најдобри спортистки зборува:

  • Во секој спорт во Македонија мажите се фаворизирани, како во федерациите, така и во медиумите. Едноставно нема промени за родова еднаквост – ништо не се менува. Дефинитивно многу повеќе се зборува, пишува за машкиот спорт отколку за настапите на жените. На пример ретко кој знаеше дека Македонија имаше претставничка на четирите Грен слем турнири. Кога ќе ме прашаа каде настапуваш? Во Париз. Е па супер, како да е „секојдневие“ Македонија да е на Ролан Гарос. Како споредба ако некој фудбалски клуб игра во Лига на шампиони во Мадрид против Реал Мадрид ќе се зборува многу, многу повеќе

 

ТЕНИСОТ Е УБАВ СПОРТ – ВИСТИНСКИ ЖЕНСКИ СПОРТ

За придобивките од спортот, од тенисот најуспешната тенисерка зборува:

  • Искрено пак би играла тенис. Многу патувам, запознав многу луѓе. Утре ако имам деца би сакала да играат тенис. Убав спорт, едноставно женски спорт или нема поженски спорт. Ако погледнеме, физички изглед, се изградува карактер, индивидуален спорт, тоа придонесува поразлично да размислуваш од сите други, можеш да се изградиш како личност.

За женскиот тенис во Македонија и во светот.

  • Женскиот тенис во некои држави (ги има многу) има систем, што не е случај кај нас. Дај Боже да грешам. Нема мали деца кои тренираат, треба да има повеќе деца (девојчиња) што ќе тренираат, па да се направи селекција. Сега тренираат и играат за да стигнат до колеџ и тука завршува женскиот тенис. На турнири кај нас некогаш нема ниту осум тенисерки. Тоа е поразително.

Ѓорческа размислува што треба да се смени за женскиот тенис да оди на подобро.

  • Потребно е повеќе да се зборува за женскиот тенис, да има реклама, да се работи во детскиот тенис да има тениски школи повеќе. Треба да има и повеќе тренери жени, судии, … во светот има повеќе отколку кај нас, има и жени судии кои судат на големите турнири, еве сега и кај нас има две жени во рангот на судии (Анета и Михаела), тоа е добро, но треба уште повеќе, едноставно нема жени тренери. Кога ќе ја завршам кариерата ќе се потрудам на кој било начин за придонесам за женскиот тенис.

НЕКОГАШ ПОМИСЛУВАЛА И ДА СЕ ОТКАЖЕ ОД ТЕНИСОТ

  • Во тинејџерските години многу пати сакав да се откажам. Сакав како сите на мои години, да се дружам со другарките, да излегувам (на родендени, на забави), … сепак голема поддршка имав од татко ми поранешен спортист професионалец (одбојкар). Не ме форсираше, но ми го укажуваше вистинскиот пат во спортот, да не беше татко ми можеби и ќе се откажев.

ЖЕНСКИОТ ТЕНИС Е ВО ПРВ ПЛАН, НО СЛЕДИ И ДРУГИ СПОРТОВИ

Како и секоја спортистка, независно од кој спорт доаѓа нашата најдобра тенисерка следи многу спортови, а пред сè женскиот спорт, додека надвор од тенисот омилена спортистка и е кошаркарката од WNBA Кејтлин Кларк. Воедно упати и повик до девојките да се занимаваат со спорт, а да пробаат да играат тенис.

  • Тенисот е индивидуален спорт. Преку тенисот многу порано созреваме. Сам си на терен. Треба да најдеш начин да се избориш и со противникот и со самиот себе и со условите. Тоа е голем „плус“ да се снајдеш. Но, се учи и нешто друго, дисциплина, самодисциплина, контрола, … Сакам и одбојка, женска одбојка. Убава е и машката одбојка (ова не дека татко ми беше одбојкар). Знам да гледам и женска одбојка. За девојче најдобри спортови се тенисот и одбојката.

Лина Ѓорческа – македонска спортска тениска икона, спортистка која треба да биде пример за сите помлади спортски како треба да живеат и уживаат во спортот со кој се занимаваат.

  Плакарот на Лина … веќе премал за сите трофеи 🙂

#АСзаЕднаквост#ЖениВоСпорт

© Тениска Федерација на Македонија - Сите права задржани