Били Џин Кинг и нејзината борба за родовата еднаквост во тенисот
Били Џин Кинг е една од највлијателните личности во историјата на тенисот и глобалната борба за родова еднаквост во спортот. Таа не е само шампионка – таа е симбол на промена. Нејзината борба за родова еднаквост направи коренити промени во светот на женскиот тенис. Таа се залагаше за еднакви парични награди на големите турнири, а тоа и се случи во 1973 година кога на УС Опен мажите и жените беа подеднакво наградени за нивниот резултат. На тоа претходеше нејзината изјава една година претходно кога побара изедначување на наградите или таа нема да настапува. Во 1972 година за триумфот на истиот турнир (УС Опен) заработи 15.000 американски долари помалку од победникот кај мажите Илие Настатсе. Но, борбата на Кинг го направи овој турнир прв да ги прифати барањата на жените. Таа не застана во својата борба сè додека сите четири Грен слем турнири не ги изедначија наградите (парични) за мажи и жени во 2007 година.
Изедначувањето на наградниот фонд на турнирите беше само една коцка во мозаикот за рамноправност. Кинг успеа да ги обедини сите тенисерки и ја создаде ВТА давајќи им моќ на тенисерките за преговарање за прв пат. Организацијата доби подобар третман, пофер договори и поголема професионална самостојност. Неколку години претходно (1970 година), таа направи смел потег со формирањето на „Оригиналната 9“ што беше основа за градење на професионален женски тенис.
Формирањето на ВТА им даде на тенисерките обединувачки глас, како и поголема контрола врз нивните кариери. Нејзината победа во натпреварот „Битката на половите“ (1973) против Боби Ригс стана моќен глобален симбол на женските способности и рамноправност.
Наградена е со Претседателски медал за слобода (2009) за нејзината работа во родовата еднаквост и социјалната правда, а националниот тениски центар на USTA, дом на Отвореното првенство на САД, беше преименуван во Национален тениски центар на USTA „Били Џин Кинг“ (2006) во нејзина чест.
Били Џин Кинг како тенисерка број 1 за прв пат се избори во 1966 година, а има освоено 12 Грен слем титули во сингл и уште 20-тина титули во двојки и во мешани двојки. Како тенисерка и капитен (тренер) има 11 титули на репрезентативно ниво во тогашниот Федерејшн куп. Во септември 2020 година Купот на федерациите (Фед куп) го смени името во Били Џин Кинг куп во чест на поранешната тенисерка број 1 на светот.
Надвор од теренот, преку Фондацијата за женски спорт и доживотниот активизам, таа продолжи да се залага за еднакви можности, фер плата и почитување на жените во спортот.
Македонската репрезентација (тенисерките и стручниот штаб) минатата година (2024) за време на настапот на Били Џин Кинг купот во Литванија имаше ретка можност за средба со една од најголемите светски тенисерки.
*** Статијата е дел од проектот „АС за еднаквост“, во соработка со Македонскиот олимписки комитет и со финансиска поддршка од Европската унија за промоција на родовата еднаквост во спортот