Македонската тениска репрезентација денеска го игра дуелот од третото коло од Третата Европска група, а противник ни е селекцијата на Грузија. Според досегашните два дуела двете селекции имаат по една победа против Косово и по еден пораз од Молдавија. Тоа практично значи дека ова ќе биде и дуел за второто место во групата бидејќи Молдавија со двете победи и денешниот дуел против Косово, каде важи за апсолутен фаворит е сигурно првопласирана во групата и изборена промоција во Втората Светска група.
Грузија оваа сезона во Дејвис купот стартуваше исто како и Македонија со меч во Втората Светска група, но загубија од Бермуда со 3:2. На двата дуела во Кишињев за Грузија во сингл мечевите настапија Александре Бакши (645.АТП ранг) и Саба Пурселадзе (446 АТП ранг) и двата меча беа решени по сингл дуелите и во дубл настапија Ника Бидзинашвили и Александре Швангирадзе и тие имаат победа и пораз.
Против селекцијата на Грузија, Македонија има одиграно само еден дуел и тоа во нашето прво учество во 1995 година во Сан Марино. Тогаш Зоран Шевченко и Александар Китинов исто така во клучен натпревар извојуваа важна победа од 2:1. Шевченко победи, Китинов загуби во сингл мечевите, а дублот одигра одличен меч и со пресврт стигнаа до победата.
Со победата Македонија ќе го освои второто место во групата и во тој случај во сабота ќе игра меч за „промоција“ во репрезентација од групата А која ќе го освои второто место.
Распоред на мечевите за петок (12.јуни): Македонија – Грузија и Молдавија – Косово (Б група) и Република Ирска – Летонија и Црна Гора – Азербејџан.
Табела А група: Летонија 2/0 (победи-порази); Република Ирска 1/1; Црна Гора 1/1, Азербејџан 0/2.
Табела Б група: Молдавија 2/0; Македонија 1/1; Грузија 1/1, Косово 0/2.
Фото: Тениска федерација Молдавија