Професионален тенис Вести VIP Main

MACEDONIAN OPEN 2026: ПОБЕДНИЧКИОТ ПЕХАР ВО РАЦЕТЕ НА КАЛИН ИВАНОВСКИ

05.07.2026

Македонскиот тенисер на брилијантен начин со освојување на победничкиот пехар го заврши настапот на годинашниов Macedonian Open откако во финалето го совлада Владислав Орлов од Украина со 2-1 во сетови (61 06 62) за 2 часа и 30 минути. Ивановски на тој начин ја продолжи серијата победи по повредата и сега има 13 победи и само еден пораз – две учества во финале на турнири од М25 серијата и четири победи за Дејвис куп репрезентацијата на Македонија.

Македонскиот тенисер финалето го почна одлично и по 1:1 во гемови направи два брејка и со ас сервис го заврши сетот добивајќи го со 6:1. Но, во вториот сет сосема различна слика иако на теренот во првите гемови не беше така. Во првиот гем на сервис на Орлов беа одиграни 18 поени, а Ивановски имаше две брејк шанси сепак противникот поведе со 1:0, а во следниот гем направи брејк за водство од 2:0. Ивановски во четвртиот и во шестиот гем спасуваше по две брејк топки, но сепак Орлов сетот го заврши со 6:0 (и вчера во полуфиналето со Стефан Поповиќ по 0-1 во сетови изедначи на 1-1 без загубен гем.

Но, во решавачкиот сет сè се кршеше во вториот гем на сервис на Ивановски, по 20 одиграни поени и три спасени брејк топки Ивановски изедначи на 1:1 во гемови. Во следниот гем македонскиот тенисер го освои гемот на сервис на противникот и поведе со 2:1, а оваа предност ја дуплираше со освојување на седмиот гем за водство од 5:2 во гемови. Последниот гем беше реализација на претходно сработеното.

Во мечот Ивановски имаше 5 аса, Орлов 3, потоа 4 брејка, наспроти 3 на Орлов, а во вкупниот број поени скорот беше 87:77 за Ивановски.

За Ивановски ова беше 11.то финале во кариерата и шеста турнирска победа прва по јули 2023 во австриски Крамсах. За победата во Скопје, Ивановски освои 25 атп поени и 4.065 американски долари, а со поените за финалето во Загреб ќе направи скок на АТП листата.