VIP Професионален тенис Вести

Познати финалистите на Државното првенство

09.07.2026

Со одигрувањето на денешните полуфинални мечеви познати се финалистите на Државното првенство. Кај мажите ќе играат Амар Хусеиновиќ и Стефан Мицов, а во женска конкуренција Теона Андова и Сара Митевска.

Во полуфиналето кај мажите во дуелот на Дејвис куп репрезентативците на Македонија, Амар Хусеиновиќ со 2-0 (62 63) го совлада првиот носител Кристијан Јанев. На тој начин тенисерот на МТП Хусеиновиќ (19 години) се избори за своето прво финале на ДП. Негов противник ќе му биде искусниот 33-годишниот Стефан Мицов (втор носител). Дејвис куп репрезентативецот на Македонија пласманот во финалето го избори откако неговиот ривал Горјан Вукиќевиќ при водство на Мицов од 4:0 во гемови во првиот сет го предаде мечот. За Мицов ова ќе биде деветто финале,а има и две титули (2011 и 2013 година).

Кај девојките Сара Митевска (16 години) ја победи Ана Митевска (18 години) со 2-1 во сетови (36 60 60). Ова за Сара Митевска, која е втора носителка ќе биде прво финале. Нејзина противничка ќе и биде првата носителка Теона Андова (19 години), кој без поголеми проблеми ја совлада Ирина Пиштолова со 2-0 во сетови (61 63). За Андова која беше шампионка во 2023 година, ова е трето финале по 2023 и 2025 година.

Во конкуренција на двојки Кристијан Јанев и Ерион Незири ги победија Дарко Колевски и Ѓорѓи Јанкуловски со 2-0 во сетови (61 75), додека Иван Манасов и Виктор Сушелски беа подобри од Селим Јилдиз и Марин Стефановски со 2-0 во сетови (63 64).

Утре (петок) финалната програма ќе стартува со финалето кај девојките меѓу Теона Андова и Сара Митевска. Почетокот на мечот е во 9:30 часот, а потоа следи финалето кај мажите меѓу Амар Хусеиновиќ и Стефан Мицов, но не пред 11 часот.

Финалето во конкуренција на двојки Јанев и Незири ќе играат против Манасов и Сушелски со почеток во 9:30 часот.