VIP Професионален тенис Вести

Серена Вилијамс му се враќа на професионалниот тенис?

24.02.2026

23-кратната шампионка на Гренд слем турнирите во поединечна конкуренција Серена Вилијамс навести враќање на професионалниот тенис. Правото за настап го стекнува на 22. февруари, но останува нејасно кога и дали ќе се врати американската тенисерка. Нејзиното име се појави на списокот на тенисерки на Меѓународната агенција за интегритет на тенисот (ITIA).

Тенисерките кои заминале во пензија можат повторно да бидат активни откако ќе бидат достапни за тестирање за допинг надвор од натпреварувањето најмалку шест месеци. Меѓународната агенција за интегритет на тенисот потврди дека Серена Вилијамс од крајот на ланската година повторно била на списокот на тенисерки регистрирани за допинг тестирање.

44-годишната тенисерка на социјалните мрежи објави дека не се враќа откако нејзиното име се појави на списокот на Меѓународната агенција за интегритет на тенисот (ITIA). Но, таа никогаш не го сакала зборот пензионирање.

Последниот турнир на Серена беше УС опен 2022 година каде во првото коло ја совлада Данка Ковиниќ, а во второто беше поуспешна од Анет Контавеит, а во третото коло загуби од Ајла Томљановиќ што беше нејзиниот последен меч.

Серена има освоено седум титули на Австралија опен, три на Ролан Гарос, седум на Вимблдон и шест на УС опен. Таа е жената со најмногу освоени титули на Гренд слем турнирите во Опен ерата, воедно има и 14 Гренд слем титули во двојки, како и три златни олимписки медали.

Серена првата Гренд слем титула ја освои на 17 години на УС опен 1999 година. Покрај 23-те Гренд слем титули, таа има вкупно 73 сингл титули и е единствената тенисерка што постигнала Златен слем во кариерата и во сингл и во дубл.

Кој е начинот за учество на Серена на турнири?

Таа во моментов може да настапува со вајлд карти. Серена нема заштитен ранг, бидејќи е тенисерка која го напуштила спортот и се до моментот додека не успее да обезбеди ранг за да може да настапува. Но, во секој случај според нејзиното реноме и успесите од порано без проблем ќе може од организаторите да обезбеди учество за вајлд карта, каде и да посака.

За нејзино потенцијално враќање зборувала и Алисја Паркс, која неодамна тренирала со неа и Паркс само кусо истакнала: „Таа е во одлична форма и сметам дека добро ќе се снајде на турнејата“.

Потенцијали турнири каде би можела Серена да се врати се Индијан Велс, Калифорнија (почеток 4. март), потоа турнирот во Мајами неколку недели подоцна и двата турнира се од рангот WTA 1000, како и на турнирите во Мадрид и Рим, кои би можеле да послужат како подготовка за Ролан Гарос кон крајот на мај годинава.

Статијата е дел од Проектот за родова еднаквост во тенисот „АС за еднаквост“, поркет во соработка со Олимпискиот Комитет на Македонија, финансиски поддржан од Европската Комисија