Кога ќе се спомене женскиот тенис, малку имиња имаат тежина како онаа на Serena Williams. Но приказната што ја пишува ова лето е повеќе од спортска приказна – тоа е порака за храброст, истрајност и верба во себе.
На 44-годишна возраст, како мајка на две деца и по речиси четири години отсуство од сингл натпреварувањето, Серена повторно ќе истрча на тревата на Вимблдон, турнирот каде што испиша дел од најславните страници во историјата на тенисот. Организаторите ѝ доделија специјална покана (wild card) за настап во главниот турнир, потврдувајќи дека нејзиното враќање е едно од најголемите случувања во светот на тенисот оваа година. Последниот сингл меч Серена го имаше на 2022 година на УС Опен, но настапот на Вимблдон има сосема поинаква димензија во тенискиот спорт, пред сè кај жените.
Во објаснувањето зошто се враќа, едноставно Серена само изјави дека сака нејзините две ќерки, Олимпија и Адриа, да ја видат како се натпреварува.
Серена веќе имаше настапи на турнири и тоа во конкуренција на двојки и двата на тревната подлога, можеби затоа и настапот во сингл и помалку изненадува. На „Квинс“ турнирот во Лондон настапи со Викторија Мбоко, која за жал се повреди и мораа да го откажат настапот по победата во првиот меч, а потоа настапи и на турнирот во Берлин.
Зад неа стои кариера каква што ретко се гледа: 23 Гренд слем титули, 319 недели како светски рекет број 1, и дури 7 титули на Вимблдон – освоени во 2002, 2003, 2009, 2010, 2012, 2015 и 2016 година. Нејзиниот биланс на најпрестижниот тениски турнир е меѓу најдобрите во историјата на играта. Во поединечна конкуренција има 98 победи на 112 меча во 21 учество, а во двојки на 12 учества има 45 победи на 48 мечеви.
Но бројките не се причината поради која милиони луѓе ја сметаат за инспирација. Серена отсекогаш била симбол на жена која одбива да прифати ограничувања. Во текот на кариерата се враќаше по повреди, операции, здравствени проблеми и породилни компликации, секогаш посилна од претходно.
Токму затоа нејзиното враќање на 44 години е толку значајно. Во време кога спортот постојано бара нови херои, Серена покажува дека вистинските шампиони не ги дефинира возраста, туку страста и желбата повторно да излезат на теренот.
Што можеме да очекуваме од неа на Вимблдон 2026? Реално, конкуренцијата е исклучително силна и по долгата пауза никој не може да предвиди колку далеку ќе стигне. Но едно е сигурно – никој нема да сака да ја види од другата страна на мрежата во првите кола. Нејзиното искуство, сервисот и менталната сила и понатаму се оружја што можат да создадат големи изненадувања. Аналитичарите не ја сметаат за фаворит за титулата, но речиси сите се согласуваат дека таа е најголемата приказна на турнирот. Ниту една тенисерка досега не ја освоила женската конкуренција поединечно да го освои Вимблдон со вајлд-карта, но тоа успеале да го сторат во женските двојки – Серена и Венус, во 2000 и 2002 година.
За се да биде комплетно кога станува збор за настапите на Вимблдон, Серена го освои и златниот олимписки медал на Игрите 2012 година одржани на терените на Вимблдон.
За девојчињата кои денес го земаат рекетот во раце, Серена е доказ дека соништата немаат рок на траење. А за сите жени – потсетник дека силата, амбицијата и храброста не познаваат години.
Бројките, настапите, неверојатните поени, мечеви кои вечно ќе се паметат стојат зад името на Серена, едноставно и посакуваме настап во најдобро издание нешто што ќе можат да го видат и нејзините ќерки, што е и нејзината најголема желба.
*Статијата е дел од Проектот за родова еднаквост во тенисот „АС за еднаквост“- Проект поддржан од Олимпискиот Комитет на С.Македонија, преку Проектот Фер Игра, а финансиски поддржан од Европската Комисија