Женската репрезентација на Македонија по неколку дневните подготовки во Скопје од понеделник ја очекуваат мечевите во Втората Евро-африканска зона од Били Џин Кинг купот (БЏК купот). Македонските тенисерки од вчера се во Ларнака, Кипар каде ќе се играат мечевите. Македонија втора година по ред ќе игра во оваа зона откако во 2023 година на мечевите во Скопје успеа да избори пласман во повисок ранг. Минатата година Македонија го освои четвртото место со три победи (Естонија, Грузија и Израел) и еден пораз (Хрватска), додека пласман во Првата зона изборија Хрватска и Литванија која беше домаќин.
За претстојните мечеви ќе се играат на Херодоу тениската Академија предводникот на женскиот национален тим на Македонија Димитар Лабудовиќ ќе смета на Лина Ѓорческа, Магдалена Стоилковска, Ана Митевска и Јана Божиновска.
На настанот во Ларнака ќе играат 11 репрезентации, кои ќе бидат поделени во три групи (две со четири селекции, а една со три селекции). Покрај Македонија ќе настапат уште националните тимови на: Босна и Херцеговина, Бугарија, Кипар (домаќин), Египет, Естонија, Грузија, Израел, Косово, Норвешка и Јужна Африка.
Најдобрата македонска тенисерка Лина Ѓорческа и оваа година ќе биде нашиот главен адут, особено што во пресрет на овие мечеви пред десетина дена имаше солиден настап и полуфинале на фјучрс турнир во Марибор.
Магдалена Стоилковска е нашиот „втор рекет‘ што значи дека таа најчесто ја има улогата прва да се појави на терен.
Мечевите се играат според досегашниот систем, два сингл меча, а потоа мечот во двојки. Првопласираните репрезентации од трите групи формираат нова група и разигруваат за пласман на првите две места кои носат „промоција“ во Првата Евроафриканска зона. Второпласираните селекции од групите ќе играат за пласман од 4-6.место, а третопласираните ќе разигруваат за пласман од 7-9. место. Двете четвртопласирани во групите ќе го „преселат“ во Третата зона од БЏК купот.
Првите мечеви се предвидени да се играат на 7. април во понеделник, а ќе се игра до 12.април.